Граѓаните на Северна Македонија кои живеат во странство чекаат со месеци за да извадат лични документи со новото име на државата. А во некои држави, пак нема ниту слободни термини. Ваква известување е издадено од Амбасадата во Бон, Германија.
-Во моментов, слободни термини има во септември 2024 година. Доколку ви одговара времето на чекање, молиме повторно да ни доставите ваши лични податоци како би ви закажале конкретен термин-соопштија од Амбсадата во Бон, Германија.
Касам, кој живее во Швајцарија, вели дека неговата ќерка се сликала за пасош на 15 декември, но дека сѐ уште нема информации кога ќе биде готов.
-Имав термин за мојата ќерка. Помина месец и пол, а сѐ уште немаме никаква информација колку ќе потрае. Дали ќе биде готов за 6, 8 или повеќе недели-изјави Касим Селими.
Касам објаснува дека терминот се закажува лесно преку и-мејл, додека во Берн, Швајцарија, од почетокот на јануари е испратен дополнителен работник од Северна Македонија за фотографирање на граѓани за пасоши, со цел забрзување на постапката. Овој пункт ќе биде во функција еден месец. Касам меѓу другото апелира до надлежните органи пунктот да остане отворен подолго време, бидејќи во Швајцарија живеат околу 70.000 граѓани од нашата држава.
-Апелирам до премиерот, министерот за надворешни работи и секој кој има влијание во оваа работа да им се излезе пресрет на иселениците и овој пункт да остане во функција подолго. Мислам дека со ова иселениците ќе успеат да извадат пасоши-рече Селими.
Инаку, по 12 февруари пасошите со старото име – Република Македонија, веќе нема да важат.
Граѓаните кои работат или живеат вон државата, за да дојдат во земјата треба да извадат патен лист.
-Државјаните на Република Северна Македонија кои престојуваат во странска држава и кои до 12 февруари 2024 година немаат извадено нови патни исправи, истите можат да се вратат во Република Северна Македонија со Патен Лист, издаден од најблиското дипломатско конзуларно претставништво на Северна Македонија. Оттука, ги повикуваме останатите државјани кои се во странство, а кои немаат можност да се стекнуваат со нови патни исправи преку дипломатските и конзуларните претставништва, тоа да го направат во земјава, поради неможноста истите да се достават преку пошта-велат од Министерството за внатрешни работи.
Иселениците со овие патни листови ќе можат да дојдат во Северна Македонија, но за да се вратат во земјата во која живеат ќе мора да извадат нови пасоши, а оваа процедура во нашата земја може да потрае и неколку месеци.
