Горивото стана како нова тоалетна хартија, односно во некои делови на САД многу бензински пумпи пресушија во налет на паника од страна на граѓаните, а зад сето тоа стои хакерски напад врз една од најголемите нафтени компании – Colonial Pipeline, пренесува PBS.
Компанијата привремено престана со работа оваа недела, што предизвика паника на социјалните мрежи дека горивото ќе се потроши и многу граѓани се упатиле кон бензинските пумпи.
Како резултат на ова, околу 70 проценти од бензинските пумпи во Северна Каролина снемале гориво во текот на вчерашниот ден, но исто така и околу половина од пумпите во Јужна Каролина и Џорџија, според GasBuddy.com.
Компанијата уште на 7 мај откри дека биле жртви на напад со откуп, со што биле принудени привремено да ја запрат својата работа.
Според ФБИ, групата DarkSide стои зад сето тоа, а нафтената компанија продолжи со работа во средата откако наводно платила 5 милиони долари со употреба на крипто-валути.
„Не веруваме дека руската Влада стои зад овој напад, но имаме причини да веруваме дека напаѓачите кои го извршиле овој напад живеат во Русија“, истакна Џо Бајден вчера.
Еден од проблемите во целата приказна е тоа што има гориво, но предизвик е како брзо да се донесе до станиците. Поради недостаток на возачи на национално ниво, една компанија од Тексас ги охрабрува возачите со плата од 14.000 долари неделно.
Иако Colonial Pipeline ја започна својата работа во средата, компанијата соопшти дека ќе бидат потребни неколку дена додека синџирот на снабдување се врати во нормала. Горивото се движи низ нивниот гасовод со брзина од 8 км на час и многу станици сакаат да добиваат гориво од истиот извор во исто време, пишува PBS.
За корисниците во Каролина, Џорџија и Вирџинија, може да потрае и до две недели за работите да се вратат во нормала.
