По 30 дена од прогласувањето на кризна состојба, Гостивар повторно има безбедна вода за пиење, а со истекот на кризата одговорноста за натамошниот квалитет на водоснабдувањето преминува во рацете на локалната власт.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска информираше дека според последните анализи водата е чиста и безбедна за употреба за пиење. Кризната состојба во Општина Гостивар истече синоќа на полноќ.
Со завршувањето на кризата, институциите од централната власт, меѓу кои и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, се повлекуваат од контролата на квалитетот на водата.
Одговорноста сега е на локалната самоуправа, која треба да продолжи да го следи системот и да обезбеди гостиварчани и во иднина да имаат чиста и безбедна вода за пиење.
Кризната состојба беше прогласена во јули, откако водата во гостиварскиот водовод беше контаминирана, а граѓани пријавуваа здравствени проблеми. Владата ја донесе одлуката со цел да се овозможи побрза координација меѓу институциите и што поскоро да се стави водоснабдителниот систем во безбедна функција.
По спроведените мерки, анализите покажаа дека водата повторно ги исполнува условите за пиење. Претходно биле направени и повеќе последователни анализи, а во процесот биле вклучени акредитирани лаборатории и повеќе институции.
Со истекот на кризата, останува обврската на локалните институции континуирано да го следат квалитетот на водата, за да не се повтори состојбата со која Гостивар се соочуваше во изминатиот месец.
