
Добредојде за Шведска, поддршка од сите за Украина. Ова се пораките кои денеска беа упатени од првиот ден на НАТО самитот кој се одржува во Вилнус, град кој ги става лидерите на над 40 земји за прв пат во историјата толку блиску до Русија. Столтенберг подвлече дека сојузниците ќе донесат одлуки за зајакнување на одвраќањето и одбраната и ќе се договорат за поамбициозно ветување за одбранбени инвестиции.
„Овој Самит е историски самит затоа што веќе направивме договор кој гарантира дека Шведска ќе стане полноправна членка на Алијансата. И ова е добро за Шведска. Тоа е добро за Турција. Тоа е добро за целата НАТО Алијанса, а не и најмалку важно е добро за балтичкиот регион, за Литванија и другите земји во овој регион. Јас предложив пакет од три елементи со попрактична поддршка, со повеќегодишна програма за обезбедување целосна интероперабилност меѓу украинските сили и силите на НАТО. Ова ќе ја приближи Украина до НАТО.“, изјави Јенс Столтенберг.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Вилнус за прв пат од почетокот на војната во Украина. Со полски државен авион слета во Вилнус, градот кој е претворен во тврдина. Затворен воздушен сообраќај, над 12 илјади припадници на армија, полиција и тајни служби. Градот се наоѓа на само 35 километри од сојузничка Белорусија. Уште една важна одлука ќе биде донесена на овој самит, а тоа е задолжителните 2% од БДП да завршат кај одбраната. Колку Северна Македонија е подготвена на тоа, разговаравме со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Сме многу блиску и нашата цел е до 2024 годна да биде 2% од БДП и се разбира и за нас е прифатливо 2% да биде појдовна основа за воедна подготвеност на државата се разбира и процентот дури и над 30% за инвестиции и модернизација на армијата. Мислам дека овие години беа успешни, три години на брзо интегрирање и во воените капацитети меѓутоа и во политичките и вредносните капацитети на НАТО.“, рече Османи.
„2% од БДП ќе биде минимумот, за финансирање на одбраната. Со тоа што најмалку 20% да бидат за модернизација. Северна Македонија е земја која што за модернизација веќе инвестира 30% од буџетот за одбрана, што секако е потребно во овој контекст“, вели Ковачевски.
Попладнево на маргините на самитот, беше остварена и средба меѓу македонскиот премиер и својот колега од Бугарија при што се разговарало за економската соработка меѓу двете земји како и уставните измени кои треба да се направат во нашата земја за внесување на бугарите во Уставот.
