Италија и Македонија се поврзуваат во образованието – Силвестри: Важно е и студентите да градат заедничка европска иднина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Официјален Рим и Скопје имаат одлични политички односи, оцени италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри. Тој напомена дека ваквите односи треба да се негуваат и меѓу двете општества, па во тој контекст амбасадорот ја поздрави соработката меѓу италијанскиот Универзитет Католика и „Американ колеџ“ во образованието и размената на студенти. Силвестри вели дека на ваков начин се гради заедничка европска иднина.

„Од една страна ги имаме политичките односи, кои се одлични. Знаете дека првата посета на претседателката Силјановска-Давкова беше во Италија. Но, од друга страна, многу е важно да се градат односите од дното, на ниво на општества, и затоа во оваа насока фактот дека студенти од двете земји ќе можат да дојдат и да се запознаат е многу важно за градење на споделена европска иднина, сите заедно.“, рече Силвестри.

Двата универзитета се договорија во иднина студентите да имаат двојна диплома во областа на меѓународните односи, која ќе биде признаена и во Македонија и во Италија. Универзитетот Католика е најголемиот приватен универзитет во Европа и најголем католички универзитет во светот.

„Сега започнавме нова програма, со двојна диплома во меѓународни односи и глобални прашања, па така студентите од Скопје ќе поминат две години тука во „Американ колеџ“ во Скопје, а една година во Католика Универзитетот во Милано. Програмата се однесува на меѓународни односи, но со мултидисциплинарен пристап во економијата, политичките науки и социологијата.“, рече Мерѕони.

„Ваква соработка е навистина исклучителна, бидејќи создава една можност за наши млади луѓе да студираат кај најдобрите и да го соберат најдоброто што можат и во Скопје и во Милано и да се стекнат со диплома, која е дизајнирана да профилира лидери на иднината и во земајта кај нас и во Европа.“м рече Иван Додовски, Декан при Универзитетот Американ Колеџ.

Според заедничката оценка на учесниците на панелот, посветен на продлабочувањето на македонско-италијанските односи, оваа иницијатива на универзитетите ќе овозможи не само унапредување на квалитетот на македонското образование и нови можности за студирање, туку и продлабочување на билатералните односи меѓу Македонија и Италија.