Поради појавата на првиот случај на Ковид-19 на територијата на општина Ресен, Градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски повика итен состанок на општинскиот кризен штаб.
На истиот беше разгледана новонастанатата ситуација и беше побарана максимална одговорност и почитување на здравствените мерки како од граѓаните на самата општина така и од страна на сите правни субјекти. Епидемилошката служба во моментов, но и во наредните денови ќе работи на изнаоѓање на поврзаноста на случајот.
Се анкетираат сите оние кои биле во примарен и секундарен контакт со потврдениот случај на заразен со Ковид 19. Се интензивираат локалните мерки и активности за справување со Ковид 19, преку засилена дезинфекција на главните и периферните улици низ градот и во населените места.
Ќе се врши дезинфекција на училишните објекти и дополнително ќе бидат засилени мерките за заштита во училиштата каде што ќе се врши упис на нови ученици. Инспекторите и комуналните редари заедно со полицијата ќе вршат засилени контроли на територијата на цела Преспа. Сопствениците на маркетите и пиљарите да ги применуваат и засилат редарските служби, со цел да се избегнат гужви пред и во самите објекти.
Општинскиот штаб за управување со кризи, внимателно ја следи состојбата со Коронавирусот на локално ниво и во таа насока ги презема сите неопходни мерки за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните на општина Ресен и врз база на новодобиените информации ќе следат дополнителни препораки и мерки.
