Вршителот на должноста премиер на Србија и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ остро ја осуди препораката на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Косово да стане членка на организацијата, јави Танјуг.
Ова е „ден на срамот во ПССЕ“ затоа што за прв пат во историјата за членство е препорачано „нешто што не е држава и што не ги исполнува основните барања во областа на човековите права и слободи“, рече Ивица Дачиќ. минатата ноќ, цитиран од Танјуг.
Тој посочи дека Приштина цели 11 години одбивала да формира Заедница на српски општини (во северно Косово), што е нивна меѓународна обврска, и спроведувала политика на терор против српскиот народ и етничко чистење.
Тие со оваа одлука ги поткопаа самите основи на Советот на Европа и меѓународниот правен поредок“, нагласи Дачиќ. „За кој принцип на заштита на територијалниот интегритет ќе продолжат да зборуваат кога го нарушија територијалниот интегритет на Србија“, праша тој реторички.
„Ќе ја продолжиме нашата борба со сите сили, ќе се бориме оваа одлука да не биде прифатена од Комитетот на министри на 16 мај. И ќе ја видиме вредноста на зборот на меѓународната заедница што му го даде на претседателот Александар Вучиќ дека Косово нема да биде прифатено во Советот на Европа, додека не создаде Заедница на српски општини“, истакна Ивица Дачиќ.
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) вчера го усвои нацрт-извештајот на известувачот за Косово во Советот на Европа, Дора Бакојани, во кој се препорачува Косово да стане членка на Советот на Европа. За прием на Косово во Советот на Европа гласаа 131 од 171 присутен член на ПССЕ, 29 беа против, а 11 беа воздржани. По усвојувањето на извештајот на Дора Бакојани, Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе ја испрати препораката до Комитетот на министри за надворешни работи, кој ја носи конечната одлука со двотретинско мнозинство. Состанокот на Комитетот на министри треба да се одржи на 16 мај во Стразбур.
