Прашањето на датумот и одржувањето на претседателските и парламентарните избори полека станува тема на политичките партии, а главен акцент е тоа дали тие ќе се одржат одвоено или пак заедно со вториот круг изборот на шефот на државата. Премиерот Ковачевски рече дека во овој момент се уште не се водат водат разговори ниту за датум ниту за тоа дали ќе има нивно преклопување.
„Ние во моментов не зборуваме за преклопување на датуми ниту за конкретни датуми, туку зборуваме за одржување на избори во редовен термин. Конкретните датуми зависат од законските решенија во колку дена а пред истекот на мандатот се организираат и парламентарни и претседателските и нормално дека кокретен датум секогаш зависи од тоа што ќе биде договорено и што ќе биде подоцна изгласано и предложено од страна на претседателот на Собранието.“, изјави Ковачевски.
Но шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве веќе лицитараше со датум и како можен термин го посочи 8 мај, три дена по Велигден, како и тоа парламентарните да се одржат заедно со вториот круг на претседателските избори. Денеска тој го повтори неговиот предлог, но притоа рече и дека немал никаква комуникација со власта и со другите партии за да се дефинираат датумите и роковите за изборите.
„Би било глупаво да ги трошиме дополнително ресурсите на граѓаните и да организирае одвоени избори кои што би се случиле за 30 до 60 дена разлика и би било навистина расипнички ако било кој од нас поддржи еден таков тип на идеја. Нека формираат работна група да ги дефинираме роковите бидејќи времето не гази. Ќе влеземе во период кога навистина ќе биде проблематично. Ако 8 мај се изборите, ние за помалку од 100 дена имаме техничка влада.“, вели Мицкоски.
Од ДУИ пак деновиве се изјаснија дека датумот за одржување на претседателските и парламентарни избори ќе треба да се договори меѓу политичките партии. Но, од Собранието засега нема најава кога би била закажана средба на работните групи кои би разговарале за одржувањето на изборите.
