Изборите во Бугарија, надеж за Македонија – Османи: Од понеделник почнуваме со нова динамика на комуникација со Софија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија утре гласа за избор на 45-тиот состав на Народното собрание. 6.895 кандидати од 30 партии и коалиции влегуваат во трка за 240 места во бугарскиот Парламент. Вкупно има над 6.7 милиони гласачи. Покрај 11.900 гласачки места во Бугарија, можност за гласање имаат и граѓаните кои се надвор од државата. Во светот има вкупно 465 гласачки места, а во Македонија се 5.

„Ќе гласаат во нивните дипломатско-конзуларни претставништва и на 5 гласачки места и тоа во Скопје, Штип, Струмица, Битола и Охрид“, истакна Бујар Османи.

Османи вели дека не знае колку точно гласачи брои Бугарија со.Македонија. Нѐ упати, одговор да побараме од бугарската амбасада во Скопје, но ниту тие не даваат информации. Ни рекоа да се обратиме до бугарското МНР, но од таму, во неформална комуникација за ТВ21 велат дека не располагаат со бројот на гласачите во С.Македонија. Традиционално, околу 100 до 200 илјади Бугари гласаат во странство. Завршувањето на овој изборен циклус во Бугарија, официјално Скопје го гледа како надеж за промена на бугарската реторика кон Северна Македонија, на која ѝ го блокираше патот кон ЕУ поради јазични и историски спорови. Шефот на дипломатијата, Османи, потврди дека изборите секогаш киднапираат политички процеси, разгоруваат емоции и ја губат реалноста.

Пред неколку дена, американскиот заменик-помошник државен секретар, Метју Палмер, ја повтори потребата од одржување на Меѓувладината конференција меѓу Скопје и ЕУ за старт на преговорите, апелирајќи спорот со источниот сосед да се реши билатерално. Но, само пред 3 месеци, министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, рече дека Македонија не треба да се надева многу оти работите ќе се променат по изборите во Бугарија.

„Погрешно е мислењето дека нешто ќе се промени по изборите. Ако нешто се промени, тоа може да биде на полошо за нив. Дека Бугарија се обидува да го спречи правото на идентитетот на граѓаните во Република Северна Македонија, тоа не е така. Ние сакаме да ги надминеме стереотипите од минатото, да престанеме да образуваме и да основаме нација заснована на антибугарски став, да ставиме крај на говорот на омраза“, порача Екатерина Захариева.

Останува да се види кој ќе ја преземе власта во Бугарија и како ќе се реши спорот. Според анкетите во Бугарија, во водство е партијата на премиерот Бојко Борисов, ГЕРБ со околу 28%, а веднаш зад неа е опозицискиот субјект БСП со околу 20%. Анкетите велат дека ВМРО на Красимир Каракачанов се очекува да го надмине прагот со околу 4.4% и да влезе во Собранието. Тамошните експерти оценуваат – ако 45% од гласачите излезат на гласање, тогаш тоа би ѝ помогнало на партијата на Борисов и неговите потенцијални партнери да останат на власт. Но, ако излезноста биде над 51%, тогаш има шанси опозицијата да се обиде да ја формира новата Влада. Стравот од коронавирус може да ги спречи постарите лица да излезат на гласачките места. Се очекува 6 до 8 партии да влезат во Парламентот, со што составот на мнозинството би било разнолико, а формирањето тешко и нестабилно.