Во текот на ноќта изгоре автомобил во скопската населба Тафталиџе, а според неофицијални информации, возилото го користел судијата Ѓоко Ристов.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил пријавен околу 02:50 часот во СВР Скопје.
Пожар зафатил патничко моторно возило „Фолксваген Пасат“ со скопски регистарски таблички, сопственост на лицето со иницијали Ѓ.Р., на подрачјето на Општина Карпош.
Како последица на пожарот, оштетени се уште две возила кои биле паркирани во непосредна близина.
Пожарот бил локализиран од екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Од МВР соопштуваат дека на местото на настанот се врши увид за да се утврдат причините за пожарот и сите околности поврзани со случајот.
