Изгоре возило на полициски инспектор во Куманово – друг инспектор избоден со нож во Липково

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Два инцидента врз полициски инспектори од Куманово се случија во последните денови. ТВ21 дознава дека по полноќ во вторникот е запалено возилото кое го користел В.М., главен инспектор за компјутерски криминал во СВР Куманово. Како последица изгорело и друго возило кое било паркирано во близина. Од Министерството за внатрешни работи се сомневаат дека пожарот е намерно предизвикан и започнале истрага за сторителите.

– На 21.04.2026 во 01:11 часот на улицата „Никола Вапцаров“ во Куманово биле запалени патничките возила „Фолксваген Тигуан“ со кумановски регистарски таблици, сопственост на А.С., а дадено на користење на В.М. од Куманово, како и друго возило „Опел“ со кумановски таблици, сопственост на Е.Ф. од Куманово. Пожарот е изгаснат од Територијалната противпожарна единица Куманово и нема повредени лица. Увид извршила екипа од СВР Куманово, велат од МВР.

Исто така, од неофицијални извори ТВ21 дознава дека минатата недела друг инспектор од СВР Куманово бил избоден со нож додека бил надвор од должност, во присуство на семејството за време на пикник во близина на браната Липково. Инспекторот Ш.Р. е надвор од животна опасност и добива соодветен медицински третман. Од МВР не даваат детали за настанот, но го потврдија, велејќи дека е започната истрага.

– Секторот за внатрешни работи Куманово ги презеде сите мерки и активности за расчистување на случајот, по што сите релевантни наоди ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство Куманово, велат од МВР.

Од полицијата не даваат појаснување дали двата случаи се поврзани, кои се мотивите, ниту дали сторителите се исти. Велат дека се собрани материјални докази од терен, снимки од надзорни камери и дека се извршени разговори со очевидци.