Беше промовиран како архитектонско чудо бидејќи ова е првиот висечки мост во Скопје и не само тоа. Чудо е, бидејќи е изграден, а не води кон никаде, ниту пак може да се користи. Вреди шест милиони евра.
Мостот требаше да ги поврзе Љубљанска и Скупи, но сè уште не е во функција. Жителите до тогаш ја користат оваа дрвена скала за да се качат и преминат од другата страна на реката Вардар.
Од Владата велат дека за мостот е одговорен Град Скопје.
„Овој мост, проект на Град Скопје, беше целосно финансиран од програмата на ТАВ како компензација за неизградениот карго-аеродром Штип, во вредност од над шест милиони евра, добиени во 2021 година“, вели Владата.
Од Град Скопје пак велат дека не може да се изврши технички прием поради недостаток на позиции кои не се изведени од фирмата изведувач.
„Мостот ќе добие Одобрение за употреба кога Владата како Инвеститор на објектот ќе ги доврши позициите кои недостигаат за мостот да претставува функционална и градежна целина“, вели Град Скопје.
Широк е 24 метри, има четири коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни. Овој мост би водел кон конечно поврзување на локацијата каде прв пат е основан градот Скопје, а тоа е локалитетот Скупи.
Иста е судбината и со мостот на булеварот АСНОМ во Аеродром. Тука најголем проблем е експропријацијата.
Изградбата на мостот која ја почна ексградоначалникот Петре Шилегов е завршена, и сега потребно е да се изведат приклучоците кон ТЦ „Ист Гејт“ и да се пробие булеварот кон Керамидница.
Арсовска, првиот месец кога дојде на функција, рече дека оваа сообраќајница не може да се догради и ќе биде мост за ловење риба, бидејќи не биле расчистени имотно-правните односи.
Четири месеци подоцна, во март 2022, таа даде сосема друга изјава дека мостот ќе биде готов во април, а булеварот низ Керамидница до крајот на годината. Но, од ваквите најави на Арсовска нема ништо, ниту е пуштен мостот, ниту пак е почнато пробивањето на булеварот.
Проблем се судските спорови кои меѓусебно ги имаат жителите каде треба да минува трасата.
Мостот од Аеродром кон Гази Баба и пробивањето на булеварот АСНОМ низ Керамидница почна во март 2020. Вкупната вредност на проектот е 16 милиони евра. Мостот ќе го носи името на генералот Михајло Апостолски.
Со изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај ако ја изберат оваа рута.
Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година.
