Измени во Законот за безбедност во сообраќајот – Тошковски: Колку татковци се фалат дека синот вози без возачка дозвола

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фрапантни бројки за тоа колку лица во изминативе години се фатени без возачка дозвола, со нерегистрирани возила, притоа огромен е расчекорот на бројот на пријавени и осудени прекршители, а оние пак кои сториле тешки кривични дела поминуваат со минимални или условни казни. Ова го посочи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој порача дека кога системот испраќа порака дека правилата не важат подеднакво за сите тогаш добиваме генерации кои веруваат дека можат да прават што сакаат.

Колку татковци гордо се фалат дека нивните синови научиле да возат автомобил уште пред да положат возачки испит. Колкумина од нас откако ќе направат прекршок прво бараат пријател кој што ќе им ja среди казната. Проблемот со неказнивоста не е само во законите. Како министер јас повеќе од година дена повторувам секојдневно дека немаме функционален систем. Проблемот е во тоа што сите заедно дозволуваме да нема систем, да нема правна свест, да нема сообраќајна култура, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Министерот за правда Игор Филков наведе дел од измените што е потребно да се донесат за да се намали бројот на сообраќајните несреќи.

-Одредени сообраќајни прекршоци треба да бидат регулирани како кривични дела. За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд а во случај на сериозни прекршувања како што се возењето под дејство на алкохол или прекумерна брзина судот ќе изрече санкција која подразбира престанок на важење на возачката дозвола, изјави Игор Филков, министер за правда.

Она што семејството ќе го пропушти не може ниеден систем да го надомести, професорката Гордана Лажетиќ со силна порака до родителите.

-Немојте да им купувате на децата џипови штом ќе наполнат 18 години, не е тоа никаков престиж. Им давате опасно орудие во рака, им давате репетиран пиштол. Последиците се, какви што се. Така што оној дел на купување на вниманието со материјални средства нас ни се враќа како бумеранг и ова не е од вчера, изјави Гордана Лажетиќ, универзитетски професор.

Измените на Законот за безбедност во сообраќајот се иницирани, откако во јавноста имаше огромни реакции по прегазувањето на 22 годишната Фросина од Неготино од 20 годишниот Васил Јованов кој возел без возачка дозвола, со голема брзина, под дејство на алкохол поминувајќи на црвен семафор.