Патниците кои во изминативе две недели ги посетиле државите во кои е потврдено присуство на коронавирусот ќе бидат запрени на границата Блаце, ќе бидат изолирани во оваа сала и ќе бидат испрашувани од полицајци, а не од лекарски тимови. Лекари ќе бидат повикани во случај ако бидат утврдени симптоми на вирусот. Специјализирана соба има и за полициските службеници, која служи за дезинфицирање на рацете.
“Откако властите на Северна Македонија изјавија дека ќе контролираат и ќе ги заострат контролните мерки на граничните премини како превентивна мерка од коронавирусот, денеска дојдовме на Граничниот премин Блаце, кој ја поврзува Северна Македонија со Косово. Од она што можеме да забележиме, има големо движење на возила кои доаѓаат од Приштина во Скопје. Дел од патници кои ги интервјуиравме, рекоа дека не забележале посебна контрола, освен тоа што полицајците носат маски“, вели репортерката на ТВ21.
„Живеам во Швајцарија. Веќе десет дена сме во Косово. Од Скопје ќе летам за Швајцарија. Не забележав некоја нова мерка. Не знам, има паника меѓу граѓаните“, додава патник.
„Забележавме само дека полицајците и цариниците носат маски. Нас не нѐ контролираат дополнително“, посочува патник.
Посебен режим воведоа и автобуските компании. Тие велат дека не превезуваат патници кои доаѓаат од Италија и Кина, со цел како што велат, да не се заразат и останатите патници.
„Да, мислам дека треба да се заострат мерките. Не треба да се дозволи да влезат и да излезат од границите, особено Кинезите и Италијанците треба да се запрат“, вели Хирзи Саити.
ТВ21: Дали превезувавте некои од нив?
„Не, не ги земаме. Не можеме да ги земеме бидејќи има можност и останатите патници да се заразат. Превезуваме само патници од Косово и Македонија“, додава Саити.
Истата мерка како на „Блаце“се спроведува и на другите граници на Северна Македонија. Контроли се воведени и на аеродромот во Скопје преку термалните камери. Министерот за здравство Венко Филипче, извести дека се разгледуваат можностите патниците кои доаѓаат од погодените земји да се стават во карантин.
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, убедува дека институциите работат со целосен капацитет и ги замолува медиумите да не објавуваат непотврдени информации.
Инаку, од Италија во Македонија секоја недела слетуваат по 6 авиони.
