Нема конкретни чекори од Македонија во обврските потребни за продолжување на европскиот пат со вметнување на Бугарите во Уставот, се наведува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава. Во него децидно се истакнува дека не е ништо направено за да се донесат уставните измени, што е обврска од Договорот за добрососедство, а во него се наведува и исполнувањето на Договорот со Грција, но како што се прецизира треба да има добра волја од сите страни.
„Северна Македонија изминатава година не презела решителни чекори за напредок во преговорите за членство и се уште не ги усвоила уставните измени, вклучително и за вклучување во Уставот на граѓани кои живеат во нив, а се дел од други народи, како што се Бугарите, согласно заклучоците од јули2022 година, кои се обврзала да ги започне. Билатералните договори со соседните земји, вклучувајќи го и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија бараат доверба од сите страни“ се вели во извештајот на ЕК.
Иако потпретседателката на Европската комисија Каја Калас претходно рече дека Македонија се уште не ги направила уставните измени, еврокомесарката за проширување Марта Кос сосема кусо спомнувајќи не заедно со Босна и Херцеговина и Косово рече дека земјите немаат напредок.
„Прогрес во последнава година не е забележан во Македонија, Босна и Херцеговина и Косово и причините се различни. Комисијата ќе продолжи да ги поддржува во нивната напори кон ЕУ“, рече Кос.
Во Извештајот се наведува и дека земјата продолжила да работи на патоказите за владеењето на правото, реформите во јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Сепак и во овој Извештај се изразува загриженост околу заштитата на независноста на судството и борбата против корупцијата.
„Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за спроведување на реформите поврзани со ЕУ, особено во рамките на кластерот „Основни вредности“, особено за да се одржи владеењето на правото, особено преку заштита на судската независност и интегритет, како и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал“, се додава во извештајот на ЕК.
Како позитивен момент се истакнува и дека Македонија продолжува целосно да се усогласува со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што сведочи за нејзиниот стратешки избор.
