Извештај на ИЈЗ за минатата седмица: Се намалува бројот на новозаболени, мал пад на бројот на починати, расте бројката на оздравени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 23 до 29 ноември, 2020 г. намален е бројот на нови случаи. Тестирани се вкупно 18.767 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, 4,6% помалку во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.745 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 9,9% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.863; 42,4%), со неделна инциденца – 326/100.000. Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување е 35,9%.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години (n=1.624, 24,1%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (n=1.409; 20,9%), 40-49 (n=1.258; 18,7%), 50-59 (n=1.210; 17,9%) и 20-29 (n=877; 13,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=99; 1,5%) и 10-19 години (n=261; 3,9%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, оздравени се водат 5.930 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 16,3% повеќе во споредба со минатата недела.

Пријавени се 206 смртни случаи од 25 града, незначително намалување за 1% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 169 лица биле над 60 години, 30 лица на возраст од 50- 59 години, 3 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и 4 случаи во возрасната група од 30-39 години.