Во дополнителниот извештај на Европската комисија посветен на Северна Македонија и Албанија, земјава доби позитивна оценка за исполнување на реформите во судството, администрацијата и службите за разузнавање и безбедност. Во извештајот на ЕК се вели дека земјава постигнала напредок во сите области и повторно побара од Советот да донесе позитивна одлука за почеток на преговорите за членство во ЕУ за двете земји.
„Гледано во целина, Северна Македонија ги зголеми напорите и покажа опипливи и одржливи резултати во клучните области утврдени во Заклучоците на Советот од јуни 2018 година. Како резултат на тоа, основите на препораката на Комисијата за 2019 година за започнување на преговори за пристап со Северна Македонија остануваат валиден“, велат од Европската комисија.
Меѓу постигнувањата во судството во извештајот се спомнуваат и разрешувањата на 6 судии, пренесување на предметите од поранешното СЈО во редовното обвинителство како и носењето на законот за ЈО со 2/3 мнозинство во Парламентот. Европската комисија во извештајот го поздрави разрешувањето ма екс претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски.
Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања рече дека содржината на извештајот на ЕК е знак на сериозен оптимизам дека во март ќе добиеме одлука за почеток на преговорите. Тој очекува дека ќе има одлука за двете земји и за Албанија и за Македонија но текот на преговорите може да се разликува.
Дополнителниот извештај заедно со методологијата за проширување на ЕУ се очекува да се разгледа на средбата на Европскиот совет во март. Во октомври 2019 земјава не доби датум за преговори бидејќи Франција беше скептик за проширувањето на ЕУ. Во една изјава претседателот на Франција, Макрон рече дека доколку резултатите од извештајот на ЕК за Северна Македонија и Албанија бидат позитивни, тогаш и тој ќе ја поддржи одлуката за почеток на преговорите.
