Катар: Постигнат е напредок во посредувањето меѓу САД и Иран, но Техеран негира дека почнале преговорите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Катар соопшти дека е постигнат значителен напредок во дипломатските напори за намалување на тензиите меѓу САД и Иран, што придонесе цената на нафтата на светските берзи да се намали за повеќе од четири проценти. Сепак, официјален Техеран ги демантираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека директните разговори меѓу двете земји веќе започнале.

И покрај оптимистичките сигнали, Ормутскиот Теснец и натаму останува речиси затворен за поморскиот сообраќај, а британската агенција за поморска безбедност UKMTO соопшти дека товарен брод бил погоден од неидентификуван проектил во близина на брегот на Оман. Екипажот бил принуден да го напушти бродот, додека еден морнар се води како исчезнат.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите со Иран се во тек и оцени дека Техеран се наоѓа пред „последна можност“ да постигне договор. Од друга страна, иранските власти нагласуваат дека не се водат никакви преговори со Вашингтон и дека единствените контакти се со посредство на Оман, поврзани со состојбата во Ормутскиот Теснец.

И покрај тоа, високи американски претставници изразија оптимизам. Државниот секретар Марко Рубио изјави дека е постигнат напредок во разговорите за повторно отворање на Ормутскиот Теснец – една од најважните светски поморски рути, преку која минува околу една петтина од глобалниот извоз на нафта и течен природен гас.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент оцени дека договор за повторно отворање на теснецот би можел да биде постигнат во наредните денови.

Портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал-Ансари, изјави дека дипломатските контакти достигнале „многу напредна фаза“. Според него, Катар, Пакистан и Оман интензивно посредуваат меѓу Вашингтон и Техеран, разменувајќи предлог-документи со цел да се создадат услови за почеток на директни преговори.

Во меѓувреме, Иран продолжува да го ограничува поголемиот дел од поморскиот сообраќај низ Ормутскиот Теснец, додека САД ја одржуваат блокадата на бродови и пристаништа поврзани со Иран. Дополнителен притисок врз глобалните енергетски пазари создаваат и јеменските бунтовници Хути, поддржани од Техеран, кои воспоставија поморска блокада во Црвеното Море, ограничувајќи ги и извозните рути на Саудиска Арабија.

Иран и понатаму инсистира дека Ормутскиот Теснец треба да биде под негова заедничка управа со Оман. Според извори блиски до иранските власти, Техеран бара целосен надзор над бродовите што влегуваат во теснецот и можност за интервенција доколку оцени дека е неопходно.

Во исто време, американските медиуми пренесуваат дека се зголемуваат сомнежите околу долгорочната одржливост на американската воена кампања во регионот. Според извори запознаени со состојбата, американската армија веќе потрошила значителен дел од резервите на ракети со долг дострел и висока прецизност, што предизвикува загриженост за нејзината подготвеност за евентуални идни конфликти.