Јакимовски добил упатен акт за затвор, а сѐ уште нема пресуда во раце

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска обвини за неправилности во постапката против него, откако добил покана за издржување на затворска казна пред официјално да му биде доставена пресудата од судот.

На прес-конференција, Јакимовски изјави дека во четвртокот му бил врачeн упатен акт со кој е повикан најдоцна до 2 јули да се јави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, но нагласи дека до денеска не ја добил писмената пресуда врз основа на која треба да ја користи можноста за жалба пред Врховниот суд.

Тој оцени дека со ваквиот начин на постапување му се скратува времето за правна заштита и изнесе обвинувања дека случајот има политичка позадина. Според него, едногодишната затворска казна се однесува на времен објект кој повеќе од една деценија бил во функција на Општина Карпош и, како што рече, не предизвикал штета, туку придонел за општината.

Апелацискиот суд во Скопје неделава соопшти дека ја потврдил пресудата со која Јакимовски е осуден на една година затвор за кривичното дело бесправно градење, поврзано со бараката во која до септември минатата година беше сместена Општина Карпош.

Јакимовски смета дека потврдувањето на пресудата има за цел да го оневозможи повторно да се кандидира за градоначалник, посочувајќи дека не ја исклучува можноста за нови локални избори во Карпош поради отсуството на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски.

Во меѓувреме, поранешниот градоначалник поднел и барање за одложување на извршувањето на казната, повикувајќи се на здравствени причини.

Инаку, покрај казната за бесправно градење, Апелацискиот суд ја укина претходната тригодишна затворска казна за злоупотреба при издавање уверенија поврзани со општинската барака, па тој дел од постапката ќе треба повторно да биде разгледуван.