Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска престојуваше во Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани, каде што се запозна со сите околности поврзани со бегството на лице од полициската станица. Според него, станува збор за сериозен инцидент што ја нарушил довербата на граѓаните во полициската служба и мора целосно да се расчисти.
Јанев преку објава на Фејсбук информираше дека во Кочани пристигнал со дел од својот тим за лично да ги утврди сите факти околу настанот што се случил во петокот.
„Бегството од полициската станица на лице познато на полициските служби е сериозен инцидент кој бара целосно расчистување на сите околности и преземање на соодветни мерки“, истакна Јанев.
Тој порача дека ваквите случаи се недозволиви и нагласи дека доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе следува одговорност за сите инволвирани.
Според Јанев, Одделот за внатрешна контрола, со поддршка на повеќе централни оддели во БЈБ, веќе спроведува темелна проверка на сите околности и лица поврзани со случајот.
„Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес. Локални шерифи нема да постојат. Никој што свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност“, порача директорот на БЈБ.
Тој изрази разочараност што повторно се случуваат настани кои ја нарушуваат довербата на јавноста и ја засенуваат работата на мнозинството професионални полициски службеници, особено во регионот за кој, како што рече, очекувал дека ги извлекол поуките од минатото.
Јанев потенцираше дека проверките се во тек и најави конкретни мерки за секој што го прекршил законот, службените процедури или довербата што му е доверена.
„Пораката е јасна – законот мора да важи еднакво за сите. Криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчел незаконско постапување ќе сноси одговорност“, нагласи Јанев.
