Министерката за образование и наука, Весна Јаневска рече дека албанскиот буквар не е учебник туку помошен материјал и дека нема пречки да се користи во наставата.
Коалицијата „ВРЕДИ“ излезе со соопштение во кое ја обвинуваат ДУИ за измислици и лаги во врска со букварот.
„Кога сме кај нивните лаги, последната е поврзана со унифицираниот буквар, бидејќи со измените на Законот за учебници конечно беше забранета употребата на унифицираниот буквар на албанскиот јазик. Потсетуваме на мислењето на сите Албанци дека овој закон постоел порано, додека она што е ново и се случи за прв пат во земјава е дистрибуцијата на унифицираниот буквар на учениците во сите албански училишта во Северна Македонија“, велат од ВРЕДИ.
Веднаш реагираа од ДУИ од каде велат дека всушност ВРЕДИ е таа која лаже.
„Изјавите на ВРЕДИ за унифицираниот буквар се залудни обиди да се сокрие вистината и да се манипулира со јавноста. Вистината е јасна и документирана: Законот што го изгласаа забранува употреба на унифициран албански буквар. Според член 10 став 2 од законот, „за предметите јазик и култура на заедниците, вклучително и оние кои првпат се воведуваат во образованието, учебниците треба да бидат напишани од граѓани на Република Северна Македонија.“, изјавија од ДУИ.
Вчера ДУИ реагираше до владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ВРЕДИ по усвојување на измените на законот за учебници. Според ДУИ со измените на законот за учебници се забранува употребата на унифицираниот буквар по албански јазик.
