Министерката за образование Весна Јаневска најави дека повеќе наставничките совети нема да одлучуваат за поправање на крајни оценки, како што беше пракса досега. Новиот модел предвидува дека ученикот кој смета дека неправедно добил пониска оценка, ќе има право да поднесе приговор и да биде испрашан од комисија.
„Станува збор за оние ученици на кои сите му се петки и има една четворка. Тогаш вообичаено, наставничкиот совет ја поправа четворката да стане петка и детето да стане скроз одлично. Сега тоа го нема. Детето има право да вложи приговор и да рече јас цела година учев, има петка, четворка, тројка, не знам како, цела година учев и сметам дека мојата крајна оценка треба да е петка. Комисијата треба да го испраша на целиот материјал.“, вели Јаневска.

Новата постапка функционира вака: По објавувањето на оценката, ученикот има три дена рок да поднесе приговор. Училиштето формира трочлена комисија, составена од наставници. Ученикот полага на целиот годишен материјал. Оценката што ќе ја добие од комисијата е конечна и ја заменува првичната.
Од СДСМ реагира бурно. Велат дека ова е удар врз наставничката професија и директно девалвирање на стручноста на наставниците.
„Ја доведува во прашање стручноста на наставниците, тврдејќи дека не знаат да оценуваат, и дури најавува дека ќе им го одземе правото на наставничките совети да го утврдуваат успехот на наставниците – што е спротивно на законот.“, рече Јованче Манасков од СДСМ.

Инаку, втора новина која ја најави министерката Јанева доаѓа од друг дел на образованието. Од следната учебна година уписите во средните училишта ќе се вршат целосно по електронски пат, преку интегриран систем поврзан со електронскиот дневник.
„Но од идната година, веќе, кога масовно ќе го пуштиме во употреба, значи од 1. септември, новиот електронски дневник, односно надградената форма на електронскиот дневник, предвидено е училиштата преку нивните системи да ги поврзат сите документи кои што ќе им бидат потребни за да може да се запише ученикот.“, рече Јаневска.
Тоа значи дека родителите и учениците ќе се пријавуваат електронски, а сите потребни документи – како сведителства, дипломи и изводи –ќе се повлекуваат автоматски од системот. Со ова се елиминира потребата за носење документи лично, како и можноста да се аплицира истовремено во повеќе училишта.
