Јаневска: Резултатите од ПИСА се последица на претходните реформи, ефектите од новата реформа ќе се видат по 9-10 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„За жал, резултатите од ПИСА повторно се многу слаби, но сакам да нагласам дека ова се резултати од реформите спроведени порано. Ние дојдовме на власт во 2024 година и само шест месеци подоцна, во 2025 година, беа спроведени овие тестирања“, изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, откако Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) вчера ги објави резултатите од меѓународното оценување ПИСА 2025 за 15-годишните ученици.

Како што истакна таа, резултатите од реформата што во моментов се спроведува во образовниот систем во Македонија ќе бидат видливи по околу десет години.

Според резултатите од тестирањето ПИСА 2025, кое ги мери способностите за решавање проблеми и примена на знаењето во реални ситуации, учениците од Македонија постигнале послаби резултати од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области – математика, читање и природни науки, како и во делот за решавање проблеми со помош на компјутер.

15-годишните ученици од Северна Македонија имаат послаби резултати по математика во споредба со 2022 година, додека резултатите по читање и природни науки остануваат речиси на исто ниво. Јаневска посочи дека учениците од земјава имале подобри резултати и во 2001 година.

„За жал, во 2001 година имавме подобри резултати во читање и разбирање. Најдобри резултати имавме во 2018 година, што, според наставниците и анализите, е резултат на реформата „Кембриџ“. Резултатите од реформата што сега се спроведува ќе ги видиме кога овие ученици ќе наполнат 15 години, односно некаде по 9-10 години.

За жал, не станува збор само за наставните програми. Ќе треба многу поголемо внимание да посветиме и на другите елементи што го сочинуваат образовниот систем“, рече Јаневска.

Според резултатите од ПИСА 2025, на глобално ниво е забележан пад на постигнувањата по читање и математика, што се поврзува и со вештачката интелигенција. Запрашана како образовниот систем може да се справи со ваков феномен, кој влијае врз вниманието, концентрацијата и начинот на учење, министерката рече дека постојат тези оти технологијата има значително влијание врз овие резултати на глобално ниво.

„Но, постојат и други тези според кои целокупната општествена состојба во одредени земји, како и глобалната состојба, имаат значително влијание. Сè уште не можеме да кажеме дека само вештачката интелигенција сериозно придонесува за ова. Можеби поголемо влијание имаат социјалните мрежи, неконтролираното користење на телефоните и таблетите.

Ќе се соочиме со ова на класичен начин, оној што постојано го промовираме: децата треба да научат да пишуваат и читаат на традиционален начин, да ја развиваат моториката и умот, додека наставниците треба да ги учат како да ја користат технологијата во функција на критичкото размислување и критичката анализа.

Затоа реков дека не станува збор само за еден елемент што влијае врз резултатите“, изјави Јаневска.

Во однос на користењето мобилни телефони за време на наставата, министерката рече дека „во голем број училишта во Македонија, телефоните не се користат во текот на целиот ден“.

„Децата ги оставаат телефоните во посебни направи наменети за таа цел – кутии или различни платнени организатори, каде што ги оставаат телефоните. Наставниците тоа изречно го бараат од нив. Телефоните се користат само во исклучителни случаи и само во оние училишта каде што сè уште не е обезбедена информатичка технологија за да помогне во оваа насока“, одговори Јаневска.

Според резултатите од меѓународното тестирање ПИСА 2025, на тестот по математика само 32 отсто од учениците достигнале најмалку основно ниво на знаење, додека просекот на ОЕЦД изнесува 65 отсто.

Во природни науки, околу 36 отсто од учениците во земјава ги совладале основните концепти. Во извештајот се наведува дека во оваа област ниту еден ученик не ги достигнал највисоките нивоа 5 или 6.

Во меѓувреме, само околу 26 отсто од учениците во Северна Македонија го достигнале нивото 2 или повисоко во читање, додека ниту еден од тестираните ученици не го достигнал највисокото ниво.