Јанкуловски: Нема ново задолжување, средствата од еврообврзницата се доволни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21 објасни дека средствата од еврообврзницата биле распределени на две наменски ставки – 700 милиони евра за исплата на претходна еврообврзница издадена во 2020 година, и 300 милиони евра за буџетски потреби.

Тој појасни дека половина од обврзницата е веќе предвреме исплатена во март, додека преостанатиот дел ќе биде исплатен во јуни, согласно договорот со имателите на еврообврзницата.

„Им понудивме предвремена исплата на половина од средствата, што дел од инвеститорите го прифатија. На тој начин заштедивме околу 3,1 милиони евра на камати“, истакна Јанкуловски.

Во однос на преостанатите средства, тој нагласи дека тие се обезбедени преку еврообврзницата и се чуваат за планирани буџетски потреби, согласно финансискиот план за 2026 година.

Јанкуловски објасни дека дел од средствата се користат и за сервисирање на стари обврски, односно камати и заеми од претходни задолжувања, но дека исплатата на еврообврзницата во јуни ќе се реализира од средствата кои веќе се обезбедени.

На прашањето дали постои ново задолжување, тој категорично одговори дека такво нешто нема, нагласувајќи дека државата останува во рамките на утврдената стратегија за јавен долг и фискална стабилност.

„Нема ново задолжување. Остануваме на истите параметри и на планот што го имаме како Влада“, порача Јанкуловски.