Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски смета дека нема ништо спорно во тоа што дел од средствата за одредени обврски се обезбедуваат преку прераспределба или ребаланс на буџетот.
Тој објасни дека самите фондови во текот на годината вршат внатрешни прераспределби за мерките што ги презеле како обврска, по што повремено се јавува недостиг на средства што Владата и Министерството за финансии треба дополнително да ги обезбедат.
„Тука не гледам ништо страшно во тоа што со прераспределба или ребаланс се дообезбедуваат средства, бидејќи однапред е јасно дека тие пари ќе се користат за исплата на пензиите“, изјави Јанкуловски.
Јанкуловски потенцираше дека пензионерите веќе го почувствувале зголемувањето на пензиите со оваа влада, а најави и дека во наредниот период ќе следуваат дополнителни покачувања, согласно законските и фискалните можности.
