Јанкуловски: Распределбата на средствата ќе зависи од буџетската ликвидност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21 изјави дека распределбата на финансиските средства ќе зависи од ликвидноста на буџетот, како и од односот меѓу приливите и одливите, нагласувајќи дека засега се зборува само за општи ставки, додека конкретните бројки ќе бидат познати подоцна, кога средствата ќе почнат реално да се реализираат.

Тој посочи дека во овој момент не може прецизно да се каже каде точно ќе завршат парите, но дека тие ќе се користат за проекти и обврски каде што постои реална потреба, како што се реновирањето на студентските домови за кои се издвоени околу 40 милиони евра, како и за обновување на ресурсни центри и инфраструктурни проекти, вклучително и патните проекти поврзани со „Бехтел и Енка“.

Јанкуловски додаде дека најголем дел од средствата ќе бидат насочени кон капитални и инфраструктурни проекти, како и кон сервисирање на стари обврски и тековни буџетски потреби, кои, како што рече, мора да се реализираат во рамки на однапред утврдената финансиска рамка.

„Сето тоа е во рамките на предвиденото и нема ништо ново во ова задолжување. Ова е редовно финансирање предвидено со буџетот“, истакна Јанкуловски, додавајќи дека рамката е поставена уште при подготовката на буџетот.

Тој ја критикуваше опозицијата, оценувајќи дека соопштува „неточни и смешни тврдења“ на прес-конференции, и нагласи дека за сите овие прашања можело да се отвори расправа уште за време на буџетската постапка.

„Да ја оставиме опозицијата, ние ќе им објасниме на граѓаните“, порача Јанкуловски.