Jапонија ги продолжи санкциите за Северна Кореја за уште две години, додека Пјонгјанг продолжува да развива нуклеарно оружје и не прави никаков напредок во решавањето на случајот со киднапирање на јапонски граѓани, соопшти денеска генералниот секретар на јапонската Влада.
Санкциите значат забрана на трговија меѓу двете земји, воздушен сообраќај и влез на севернокорејски бродови во јапонските пристаништа, освен за хуманитарни цели.
Јапонија, исто така, се придржува и до санкциите на Обединетите нации воведени поради нуклеарната програма на Северна Кореја. Санкциите вклучуваат забрана за трговија со оружје, замрзнување на средствата на Северна Кореја, патувања и прекинување на соработката во образованието.
Северна Кореја истрела две балистички ракети на 25 март, првпат по една година, што Јапонија го осуди како кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Јапонија, САД и Јужна Кореја повикаа на целосно спроведување на санкциите на ООН и интензивирање на напорите за намалување на нуклеарното оружје.
Северна Кореја во 2002 година призна дека киднапирала 13 јапонски државјани во 70-тите и 80-тите години на минатиот век за да ги обучи да шпионираат, а Пјонгјанг потврди дека на петмината киднапирани им било дозволено да се вратат во Јапонија, додека останатите починале.
