Јазикот коски нема, но табли крши! Законот предвидува употреба на албанскиот јазик и во Велес и во Прилеп

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Политички пинг – понг за спроведување на двојазичноста во Северна Македонија. Табли се поставуваат, се вадат и се кршат, зависно од изјавите на политичарите кои веќе ја започнаа изборната кампања.

Пред два дена лидерите на двете најголеми македонски партии дебатираа за двојазичните табли.

Утредента, по оваа дебата настрада двојазичната табла во меѓу – општинскиот центар за труд и социјална работа во Прилеп. Вицепремиерот Бујар Османи рече дека Заев и Мицкоски грешат.

ТВ21: Вие велите дека во Прилеп и Велес треба да бидат и на албански јазик?

ОСМАНИ: Да, да. Во секоја регионална единица на централните институции кои покриваат најмалку една општина во која албанскиот јазик е службен, и таа институција е на двата јазика. Велес ја покрива Чашка, Прилеп Долнени, било која институција која покрива најмалку една општина каде албанскиот е официјален, и во таа институција албанскиот јазик е официјален.

Ова што го кажува Османи, е предвидено и во параграфот 2 од член 7, кој вели:

„Во подрачните канцеларии на органите од државната администрација кои покриваат најмалку една единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, називите на канцелариите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.“

Врз основа на ова, двојазичноста треба да се почитува и во канцелариите на државната администрација во Велес и Прилеп, бидејќи Чашка во Велес според податоците од 2002 има 35,23%, а Долнени во Прилеп има 26,7% Албанци.

Директорот на Инспекторатот за јазиците, Фатмир Исени вели дека ќе изврши надзор за спроведување на двојазичноста, но за тоа ќе треба да се почека неколку месеци бидејќи инспекторите се уште не се подготвени.

„Инспекторите ќе извршат надзор од датумот на добивање на лиценците а тоа е период кога треба да бидат лиценцирани врз основа на јазикот, од моментот на добивање на лиценците тие ќе излезат на терен и ќе извршат надзор на државните институции. “, рече Исени.

Овие денови се известуваше за непочитување на двојазичноста во полициската станица на Скопскиот Аеродром. Прашан за ова, Османи рече дека има обиди за интерпретирање дека не треба да има албански јазик бидејќи Аеродромот е во Петровец, меѓутоа ова прашање вицепремиерот им го препушти на институциите за спроведување на законот за јазиците заради точно толкување на законот.