ЈКП Тетово бара 35 милиони денари за плати – опозицијата ја напушти вонредната седница на општинскиот совет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На вонредната седница на општинскиот совет Тетово, ЈКП Тетово побарало 35 милиони денари за исплата на платите за вработените кои 4 месеци не зеле плата. Според претседавачот на Советот ова се случува поради зголемените трошоци со поскапувањето.

„Долговите се наследени, вработените кои се ангажирани со договор на дело главно се оперативци, помошни работници кои го пренесуваат отпадот и го одржуваат водоводниот систем. Ова е краткорочно решение до крајот на годинава. Тие побараа 25 милиони денари што верувам нема да помине, но може да биде и помалку. Зависно од можностите и финансиите на општина Тетово ќе се избрише долгот на лицата кои се со договор на дело“, вели Бесар Дурмиши.

Според Љуљзим Шаќири од ЈКП Тетово, ова е привремена помош и по оваа година ова претпријатие ќе се подели на две и ќе се надмине кризата.

„Оваа помош е привремена до исплатата на платите на вработените со договор на дело од осми месец до 12 и ова е краткорочно решение на проблемот на претпријатието“, додава Љуљзим Шаќири.

Опозициските советници ја напуштија седницата со образложение дека нема доволно информации за тоа каде ќе се одлеат средствата исплатени од општината.

„Ние побаравме детален извештај, за фондовите кои се побарани од претпријатието ЈКП Тетово од касата на општина Тетово. Станува збор за 35 милиони денари што ЈКП Тетово ги бара како услуга заплатите на вработените. Ние не сме против тоа и сакаме вработени да се исплатат но бараме детален финансиски извештај од ЈКП“, додава Лиридок Диша.

ЈКП од 440 вработени, од нив се 200 со договор на дело. Проблемот со функционирањето на претпријатието е и долг на граѓаните кон истото кој изнесува 9,5 милиони денари. Според надлежните ова е моментално решение, а по Нова Година ќе се формираат две нови претпријатија.