ЈОРСМ за „Еуростандард“ банка: ЈО е единствено надлежно да донесува наредба и да спроведува истражна постапка

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Согласно Законот за кривична постапка, Јавното обвинителство е единствено надлежно да донесува наредба и да спроведува истражна постапка, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во врска со наводите и извештајот презентирани на вчерашната прес-конференција од неколку лица, меѓу кои и, како што наведуваат, едно осомничено лице во врска со стечајот на „Еуростандард“ банка.

– Дел од наводите од оваа „приватна или независна истрага“ беа истражувани во предмети по кои постапуваше Јавното обвинителство и за кои, во согласност со доказите, донесе мериторна јавнообвинителска одлука, нагласувата од ЈОРСМ.

Од ЈОРСМ, исто така, информираат дека по поднесени неколку кривични пријави во врска со работењето на фирмата КУБУС, неколку јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и од Основното јавно обвинителство Скопје постапуваа заради утврдување на правно релевантните факти.

– Врз основа на обезбедената обемна писмена документација и прибраните вербални докази, испитувања на оштетени и сведоци, а особено врз основа на економско-финансиското вештачење, проверките во Народната банка на РСМ и во Управата за финансиско разузнавање, јавните обвинители утврдија дека во постапувањето на пријавените не се содржани елементите на  пријавените кривични дела, а нема елементи ниту на други кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Обезбедените докази и вештиот наод, се вели во соопштението, упатуваат дека пријавените физички лица не ја искористиле својата службена положба и овластување, ниту ги пречекориле границите на своето службено овластување, а со крајна цел предизвикување штета на правните лице Кубус и Кубус Инженеринг.

– Не беше исполнето ниту битието на кривичното дело – Измама, бидејќи доказите не го поткрепуваа тврдењето дека пријавените го навеле и го држеле во заблуда претставникот на оштетените правни лица, да зема кредити на штета на имотот на овие правни лица. Согласно законските обврски определени во Законот за трговски друштва, управителот е должен да презема работи во интерес на правното лице, како и работи кои се целисходни за остварување на интересот на друштвото, а не во континуитет да го задолжува, не преземајќи соодветни дејствија за кои се предвидени механизми во сферата на граѓанската постапка за наплата на своите побарувања. Ваквиот начин на работа се применувал во период од неколку години, а за сметка на оштетените правни лица. Како договорен однос, позајмиците се договорна волја на две или повеќе страни и како правен инструмент е предвиден во Законот за облигациони односи, поточно на оној што го дава заемот и оној што го прима и истите произведуваат како права за страните, така и обврски, стои во соопштението од ЈОРСМ.

Со оглед на интересот на јавноста и обемноста на преземените предистражни дејствија, Јавното обвинителство, потсетува дека веднаш по донесување на одлуката во овој предмет уште во април 2021 година транспарентно и детално ги образложиле сите утврдени факти и информира дека се отрфрлени кривичните пријави за Кубус.

Од ЈОРСМ, исто така, тогаш информираа дека доколку било кое лице има дополнителни докази или сознанија за сторено кривично дело, може да ги пријави до Јавното обвинителство, кое ќе постапи согласно своите надлежности и ќе ги направи неопходните проверки, земајќи го предвид и тој материјал.

Во врска со стечајот на Еуростандард банка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека ја испитува одговорноста за стечајот, при што по проверките кои беа направени и кои упатуваа дека банката не постапувала по бројните мерки изречени од страна на Народната банка и доставувала неточни извештаи до Народната банка, надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири одговорни лица од Еуростандард банка за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Предизвикување стечај на банка по член 181 ст.1 од Законот за банки и продолжено кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 ст. 6 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

– Осомничените како лица со посебни права и одговорности во Еуростандард банка АД Скопје ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот. Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на Гувернерот на НБРСМ, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката. Воедно го зголемиле ризикот од концентрација и масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за измирување на обврските и нереалната класификација, што резултирало со погрешно известување за финансиската состојба на банката и нејзините сопствени средства како кон НБРСМ, така и кон останатите заинтересирани страни. Со ваквото работење придонеле за генерирање на големи материјални кредитни загуби, со што го намалиле износот на сопствените средства на банката и наметнале потреба од значителна докапитализација на банката, а притоа не извршувале капитализација по мерка изречена од Гувернерот на НБРСМ. Сето ова придонело банката по сила на закон да биде во услови на стечај, што подразбира дека депозитите не може да бидат вратени во пари на доверителите, штедачите и депонентите на банката, со што банката била доведена во состојба на несолвентност, соопшти тогаш ЈОРСМ.

Истрагата, информира ЈОРСМ, во овој предмет е во тек, а по нејзиното завршување обвинителството ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука.​