Јотова: Палењето на возилата е напад врз Бугарија – Тошковски: Насилството нема да се дозволи и нема да се толерира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, го осуди палењето на двете дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи го како без преседан инцидент. Таа изјави дека го доживува инцидентот како напад врз Бугарија.

– Без преседан инцидент. Палењето на дипломатски возила е напад врз бугарската држава, јас лично го гледам како напад врз Бугарија-рече Јотова.

Оваа изјава на бугарската претседателка доаѓа откако македонските власти, Владата и Министерството за надворешни работи, остро го осудија вандалскиот чин, а од вчера сторителот е уапсен.

Денеска и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, остро го осуди инцидентот, истакнувајќи дека насилството нема да биде дозволено и нема да се толерира.

– Лицето кое се сомничи за палењето на возилото е многу брзо идентификувано и обезбедено од МВР, во соработка со Агенцијата за национална безбедност, кои исто така беа вклучени во давање клучни информации за ова кривично дело. Според информациите што ги имам од началникот на СВР Скопје, сметам дека јавниот обвинител ќе го процесуира случајот по забрзана постапка, па во текот на денот ќе има соопштение од Обвинителството и Судот за понатамошните чекори“, рече Тошковски.

Во однос на мотивите за инцидентот, министерот рече дека во овој момент не може да сподели повеќе информации, но додаде дека постапката е во тек и се води согласно законските процедури.