Водата за пиење од јавната водоводна мрежа во Гостивар е безбедна за консумирање, информира ЈП „Комуналец“. Последователните лабораториски анализи покажале дека водата ги исполнува физичко-хемиските и микробиолошките стандарди.
Мостри биле земени од седум различни точки во дистрибутивната мрежа на територијата на општината. Од „Комуналец“ велат дека сите анализирани мостри се целосно усогласени со критериумите за безбедно консумирање.
Од таму воедно велат дека контролата на квалитетот ќе продолжи со секојдневно земање мостри и редовни лабораториски анализи. Во Гостивар пред еден месец беше прогласена епидемија поради масовна еколошка и јавноздравствена криза предизвикана од тешко загадување на градскиот водоснабдителен систем со фекални материи и бактерии.
За ова Обвинителството оформи предмет, во кој се уапсени три раководни лица во ЈП Комуналец и кои во моментов се во притвор. Крај на епидемијата беше прогласен пред една недела.
