Каде е Музафер Бајрам?! – Министер без ресор или министер без активности

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уште еден навидум обичен ден во населбата Шуто Оризари.

Времето за овдешните граѓани како никогаш да не застанало. Раздвижени улици, полни тезги на пазар е сликата која што ја затекнавме при денешната посета. Велат дека и во време на пандемијата со корона вирусот, останале заборавени од надлежните институции.

Случајните минувачи ги запрашавме дали го познаваат министерот без ресор задолжен за состојбата на Ромите, Музафер Бајрам и што тој направил за ромската популација од кога е на оваа позиција.

Анкета:

„-Не знам, јас знам дека Бајрам се слави. Кој Бајрам, овој сеа што постат? Не го знам.

-Не го знаат затоа што тој ништо не направил за Ромите. Не е активен во својата работа. Не доаѓа никогаш во Шутка да ја посети, да види Ромите како живеат. Никој не не посетил и никој не ни помогнал, помагаат овие нашите Роми кои се во странство.

-Ако нема вработување, Ромите најмногу одат по контејнери. Нема работа, еве сега син ми го отпуштија за време на корона вирусот. Не земаа ни пари, еве го сега дома седи“.

Секој си има граѓанско право во оваа држава, велат граѓаните, но за жал тоа право го нема кај Ромите.

„Проблемите на ромите никој не ги решава бидејќи се последното дупче на свирката.За ромите никој ништо не мисли, затоа Ромите се најсиромашни. Никој не мисли на нас Ромите, затоа ние трчаме за едно парче леб“, вели граѓанин.

Министерот Музафер Бајрам на министерската позиција беше назначен од страна на Владата кон крајот на 2019 година. Неговото последно појавување на редовна прес конференција беше пред четири месеци. Каде е и што работи овој министер во Владата задолжен за состојбата на ромската популација и за што го плаќаат граѓаните, Тв 21 побара одговори лично од него.

„Како што кажавте и вие самите, и немаме некоја посебна активност во периодов, поради корона кризата. Инаку јас како министер и мојот кабинет во Општина Кочани преку министерството за транспорт и врски успеавме да префрлиме 16 милиони денари за исплата на 23 станбени единици“, додава Музафер Бајрам.

Бајрами истакна дека пред околу две недели, со помош на турскиот амбасадор беа поделени 200 социјални пакети, а дополнителни 100 пакети тој лично ги поделил во населбата Топана. Причината поради која ромската популација не го познава, министерот ја гледа во тоа што не е толку медиумски експониран и поради слабиот буџет со кој што располага за да им излезе во пресрет на Ромите.