Се додека беа во опозиција беа гласни и критички настроени. Сега на власт малку се слуша името на партијата Алтернатива. И покрај бројните случувања во земјава, партијата на Африм Гаши речиси за ниту едно прашање не го искажа својот став како политичка партија.
Денеска го прашавме генералниот секретар на Алтернативата, Беким Сали, каде е Алтернатива при сите овие случувања во државата?
„Знаете дека ние сме дел од Владата и преку институции даваме свои изјави како претставници. За штрајкот на матичните лекари јас бев претставникот кој требаше да даде изјава, а од друга страна за штрајкот на просветните работници го имаме заменик министерот кој е транспарентен и ги кажува нашите ставови како политичка партија“, вели Беким Сали.
100 и повеќе дена откако Алтернатива е дел од Владата, во земјава се објавени резултатите од Пописот, но од партијата на Гаши нема коментар. Економската криза со поскапувањето на храната, штрајковите на административците и наставниците за повисоки плати, но партијата на Гаши не излезе со став.
„Нашиот став е преку државните институции. Истиот став е. Не можеме да имаме спротивен став како партија и друг став како дел од Владата“, додава Беким Сали.
Еве што изјави еден месец по влегување во влада лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
„Мораме да бидеме принципиелни. Не треба да ги менуваме ставовите врз основа на тоа дали сме во Влада или во опозиција. Ако сме принципиелни и ги кажуваме работите со нивното вистинско име, ако се согласуваме дека коцкањето е штетно за општеството, без разлика дали сте во опозиција или во власт, треба да ја нападнете таа навика“, вели Африм Гаши.
Но, останатите владејачки партии, СДСМ и ДУИ, и покрај нивните претставници во Владата, преку соопштенија и прес-конференции доследно ги бранат позициите на Владата.
Инаку, и на Фејсбук страницата на Алтернатива се објавени само промоа на емисии во кои учествуваат министрите на Алтернатива, додека на нивната веб страница последната вест која беше објавена е на 12 јануари кога Гаши се сретна со албанскиот претседател Илир Мета.
Алтернатива кога стана дел од Владата обелодени 9 точки од програмата што ја потпиша со премиерот Заев, но досега не излегоа да се пофалат дека некоја од тие точки реализирале.
