Каде завршиле еден милион евра? Боки вели не се кај него, Рускоска тврди дека има докази за тоа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Случајот „Рекет“ е направен за ослободување на Камчев и рушење на Специјалното јавно обвинителство бидејќи им сметаше на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, вака се бранеше Бојан Јовановски на денешното рочиште за „Рекет“.

„Имам докази дека овој кривично-правен предмет „Рекет“ е направен за спас на Камчев, за рушење на СЈО, за рушење на Катица Јанева поради тоа што сметаше и на власта и на опозицијата“, истакна Бојан Јовановски.

Јовановски вели дека Зоран Милевски – Кичеец присуствувал на сите состаноци, а секогаш пристигнувал прв за да ги постави уредите за прислушкување, а сега Боки 13 ги нуди и шифрите со кои се заклучени тие разговори, од кои вели дека доколку се објават ќе дадат ново светло во целиот случај.

Во судница рече и дека Заев им вели на Ана Камчева и Кичеец дека ќе ја олесни положбата на Орце Камчев и Само Мијалков кои беа осомничени од СЈО и во притвор.

„Ана Камчева и Зоран Милевски – Кичеец биле во неколку Амбасади и во кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев. Тој им ветил дека ќе направи се што може да ја олесни положбата на Камчев кој тогаш беше во притвор за случајот „Империја““, додаде Бојан Јовановски.

Но со ова не се согласува лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Сведочењето на Јовановски го нарече како невистина.

„Не коментирам вакви изјави, заради тоа што не се точни. Секако секогаш со секој човек што сум се гледал, сум апелирал на законито работење, а тоа и денеска го потврдувам и секогаш во иднина“, посочи Зоран Заев.

Во судница се полемизираше и за торбата во која наводно имало 1 милион евра, која според снимките е земена од домот на Камчев, но и по речиси година и половина нема одговор, каде завршила.

„Јовановски изнесе многу работи за кои нема никакви докази, и не е вистина. Треба да се има докази, а може секој сешто да каже. Што се однесува до торбата, во анализата на неговиот мобилен уред има слика и точна локација со родителите каде што живеат. Точното време се совпаѓа со напуштањето на куќата на Камчев, и торбата е внатре во куќата кај неговите родители. Тој доказ беше презентиран и доставен до Судот“, порача Вилма Рускоска.

„Ниту во сон. Знаете ли што има? Еве јас ви кажувам. Има базна станица дека од кога Кичеец го враќал Бојан дома во домот на неговите родители. Каква ташна, каква снимка… Воопшто осудениот се нема качено горе, само го оставил Бојан… Јас извршив увид во доказите, освен ако има обвинителството чува некој доказ, но сега не смее да предлага докази. Таква снимка не постои, одговорно ви тврдам“, вели Сашко Дуковски.

Боки 13 давајќи ја својата одбрана денеска пред судот, рече дека трпел закани и дека се плаши по неговиот живот кога ќе се врати во затворот.

Утре своја одбрана ќе даде екс-специјалната обвинителка Катица Јанева, а потоа следуваат и заврши зборови за предметот.