Кадрија прашува каде ќе се најдат не политизирани лица – „Агенција за борба против високиот криминал“ не помина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Македонија не можете да најдете лица кои не се политизирани, а и најобичниот граѓанин е политизиран, да не зборуваме за некој директор или заменик директор, изјави пратеникот на ДУИ, Бајрам Кадрија, во текот на парламентарната дебата во врска со предлогот на претседателот на Демократски сојуз за да се создаде Агенција за борба против тешките форми на организиран криминал и висока корупција.

Според Кадрија, вакви институции постојат во нашата земја, но смета дека нема политичка волја за борба против криминалот и корупцијата од ниту едната политичка партија бидејќи тие се штитат меѓусебно кога се на власт и во опозиција. Од друга страна, предлагачот, Павле Трајанов, во текот на образложението рече дека се предвидува директорот на Агенцијата да има 7 годишен мандат и да се избира од управниот одбор составен од лица со висок кредибилитет и интегритет. Главната работа на Агенцијата би била откривање на тежок организиран криминал и висока корупција.

Врз основа на пресметките е проценето дека тешка форма на кривични дела се тие со вредност од над 100 илјади евра. Пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска – Ванчева, праша што ако штетата е помала, тогаш тоа нема да се смета за кривично дело?!

Калевска смета дека надлежностите на Агенцијата ќе се вкрстат со тие на МВР, Обвинителството, Финансиска полиција, Антикорупција и затоа нема потреба од дополнителна агенција. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека институциите постојат но не ја вршат нивната работа како што треба.

Агенцијата не ја доби потребната поддршка од пратениците за да продолжи во второ читање, под образложение дека нема потреба од нова институција.