„Се наоѓаме во населбата Дебар Маало во Скопје, една од населбите со најмногу кафулиња во главниот град. Уште 15 минути и ќе биде точно 18 часот. Како што можете да видиме, повеќето од локалите почнаа да се затвораат, а оние кои се уште се отворени чекаат да си заминат и последните гости за да можат да стават клуч на врата“, истакна репортерот на ТВ21.
Оние кои на топло уживаа во пијалаци и храна со пријателите мораа да си заминат.
Со владината одлука, од денеска па до 20 јануари, рестораните, кафулиљата и баровите ќе работат со скратено работно време. Кога стрелките преклопија 18 часот, на масите немаше ниту еден гостин.
Се собраа чашите и чиниите. Се собраа столовите. Се изгасија светлата. Имаше и такви кои продолжуваа со разговорите.
Само неколку минути подоцна, пристигна и полицијата во контрола.
Откако ги добија упатствата, почнаа со контролите. Во локалите присутни беа само сопствениците и вработените кои чистеа.
Освен што е скратено работното време за угостителите, исто така е забрането и организирање прослави по повод Нова година на плоштади од страна на општините, компаниите и институциите.
Владата ги советувала верските заедници да не упатуваат повик за групирања и масивни собири за време на претстојните верски празници.
Останува препораката да нема собири низ домовите и викендичките за викендите за лица кои не се од потесното семејство.
Од Инспекцискиот совет упатен е апел за почитување на работното време. Инспекторите ќе ги интензивираат контролите на терен. За оние кои нема да ги почитуваат
мерките ќе следат санкции.
Угостителите се најреволтирани од одлуката за работа до 18 часот. Бидејќи владата не ги прими на средба, Комората на независни угостители до Уставен суд достави иницијатива за проценка на уставноста и законитоста на овие измени и одлуки што ги донесе владата.
Како рестриктивна мерка за спречување на ширење на корона вирусот, и угостителските сместувачки објекти и ресторани имаат ограничување во работното време до 21 часот. Тие ќе можат да служат само оброци. Кафеаните, баровите и сместувачките објекти треба да затворат до 18ч. Истото важи и за обложувалниците.
