Езерото Треска ќе се претвори во туристичка зона, во спортско-рекреативен центар со викенд куќички, деловен простор, хотелски комплекс, ботаничка градина, базени, аквапарк, игралишта за деца и др. Општина Сарај го презентираше урбанистичкиот план, кој доби согласност од Град Скопје. Планот зафаќа површина од 76 хектари и е поделен во 4 блока.
„За спорт и рекреација остануваат 31 хектар, за привремено сместување околу 10 хектари, за угостителски комплекси околу 8 хектари. Блоковите 1, 2, 3 и четири каде ќе има големи деловни единици зафаќаат околу 1.1 хектар, односно најмала површина. Планот опфаќа вкупно 76 хектари, а само езерото е 13 хектари“, истакна Блерим Беџети.
Откако ќе завршат правните прашања, Владата ќе објави јавен повик за инвеститорите, по што ќе отпочнат градежните активности, кои според првичните пресметки нема да траат подолго од 3 години. Проценката за вкупната инвестиција е најмалку 200.000 милиони евра.
„Ќе се претвори во вистинска атракција, не само за Сарај, туку и за Скопје и пошироко, бидејќи согласно информациите што ги имаме, ваков центар во земјите од регионот сѐ уште не е презентиран… Продолжуваме да работиме, каде освен прогласување за Слободна туристичка зона, ќе започне и уредувањето согласно Урбанистичкиот план. Има проекција од експерти од околу стотици милиони евра, а ќе се отворат и околу 1.000 работни места во рамките на оваа слободна туристичка зона“, додава Блерим Беџети.
За градежните парцели треба да се одреди најмалку 20% простор уреден со зеленило, а сите градби е предвидено да бидат со фасадно обликување од еколошки и природни материјали, како што се камен и дрво.
Делот околу спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ е предвидено да биде заштитена зона која ќе се користи како плажа, а во зоната, како што е предвидено според планот, ќе бидат дозволени само дејности и активности кои нема да предизвикуваат негативни влијанија врз квалитетот на воздухот. Во Блокот број 2 кој зафаќа површина од околу 12 хектари, се планирани викенд-куќички за привремено сместување, во Блокот 3 кој ќе се простира на површина од 9.53 хектари ќе се гради хотелски комплекс, а во четвртиот пак, со површина од 2.41 хектар се предвидени големи трговски единици.
