Како автобусот поминал граница без лиценца? – Царинска управа: Се врши вонредна контрола

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Сопственикот на превозникот Беса транс немал лиценца за опожарениот автобус  и го нема во електронската база на Министерствотото за транспорт и врски. За ова информираше Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој вели дека превозникот имал уредна документација за останатите четири возила, технички спецификации и листа на возачи, но не и лиценца за автобусот кој беше дел од несреќата. Потенцира дека секое возило треба да има посебна лиценца и извод од лиценца.

„Констатираме дека возилото не било пријавено од превозникот согласно член 13 став 5 од Законот за превоз на патен сообраќај  и затоа го нема во електронската база на Министерството за транспорт и врски. Согласно овој член од законот превозникот е должен не показно од 15 дена да го извести Министерството за сите промени настанати во поглед на исполнувањето на условите. Ова значи пријавување и одјавување на возило и возач“, истакна Благој Бочварски.

Логички се наметнува прашањето Како успеал автобусот без лиценца да ја помине прво македонската границата, а потоа и бугарската и турската? Од македонската Царинската управа без конкретен одговор на прашањето:

„Од рано утрово Секторот за професионална  одговорност на Царинската управа  е на ГП „Деве Баир“ со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус, како и постапувањето во претходниот период. За наодите од контролата  Цариската управа ќе информира навремено“, посочуваат од Царинска управа.

Министерството за транспорт и врски започнало постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот БЕСА транс. Надлежен за регулирање на меѓународни превози е Инспекторат за транспорт кои денеска извршија вонреден инспекциски надзор. Нив воопшто не можевме да ги добиеме на телефон.