Како да се одржи Советот на 24 март? – Коронавирусот го отежнува стартот на преговорите со ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Европската унија се уште се дебатира како на 24 март да се одржи Советот за општи работи откако Белгија целосно се затвори поради состојбата со корона вирусот. Министерот за надворешни работи Никола Димитров при виртуелната посета на германскиот државен министер за Европа Михаил Рот и он-лајн прес конференцијата во однос на стартот на преговорите со Европската унија рече дека има големи изгледи и позитивни сигнали од земјите членки, меѓутоа, работата се уште не е завршена и затоа повика на воздржаност.

„Мислам дека ЕУ ќе згреши многу ако прати сигнал дека е толку оптеретена со здравствената криза што не може ништо друго да прави. И ќе биде важно после толку многу работа и толку многу напор кога сме на чекор до тој заеднички успех ќе биде многу важно да се најде начин да се одржи на 24 март. За нас за македонската јавност би повикал на внимателност“, вели Никола Димитров.

Наспроти воздржаноста на Димитров, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи пак со полн оптимизам уверува дека Македонија добива безусловна препорака за старт на преговорите.

„Постојаните претставници на земјите членки на Европската унија кои што покрај другите теми во сложени услови под предизвикот на оваа епидемија разговараа и за проширувањето и според информациите што ги добивме оттаму постигнаа консензус за одлука за започнување на преговорите со Република Северна Македонија, безусловна и со безусловно барање за одржување на првата Меѓувладина конференција“, посочи Бујар Османи.

Рот уверува дека се прават напори идната недела да се одржи Советот за општи работи и дека ЕУ е за пристапна перспектива на земјите од Западен Балкан.

„Се надевам дека следната недела ќе можеме да испорачаме. Во време на корона паниката тоа не е толку лесно, мора да создадеме предуслов за тоа за Советот за општи работи следната недела не физички, но он-лајн, виртуелно да може да може да се состане. Не смее да поминува времето до следната година, потребна ни е одлука за почнување пристапни преговори со Македонија и со Албанија“, порача Михаил Рот.

Околу тоа дали е усогласена новата методологија меѓу земјите членки бидејќи Бугарија има забелешки и дали е можно да се донесе одлука за старт на преговорите без усвоена нова методологија Рот рече дека не очекува таква блокада.