Докторот токсиколог и професор на Медицинскиот факултет, Андон Чибишев, реагираше на дезинформациите што се проширија на социјалните мрежи дека водата за пиење во Скопје е загадена со бактеријата Escherichia coli.
Чибишев вели дека не го разбира мотивот за ширење на вакви информации и предупредува дека евентуално загадување на водата со оваа бактерија би можело да предизвика сериозни последици врз здравствениот систем.
„Не го разбирам мотивот и потребата да се шират (дез)информации дека водата за пиење која ја користат граѓаните на Скопје е загадена со бактеријата Escherichia coli. Не знам дали тие болни умови знаат што значи таквото загадување“, напиша Чибишев.
Тој додава дека, доколку само 10 проценти од жителите на Скопје би развиле симптоми на воспаление на цревата, тоа би значело повеќе од 50.000 пациенти во период од еден до два дена.
„Тоа ќе значи голем проблем за државата и можен колапс на здравствениот систем“, предупредува Чибишев.
Докторот го повика Министерството за внатрешни работи итно да ги открие лицата кои стојат зад ширењето на, како што ја нарекува, „гнасната лага“.
„МВР е на потег, итно да се откријат нарачателите, креаторите и промоторите на оваа гнасна лага која внесе недоверба и страв кај граѓаните на Скопје. Без милост, без селективност“, порача Чибишев.
