Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), откако се искачи за дури 29 позиции и сега се наоѓа на 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии.
Според најновото рангирање, земјата има освоено 84,17 од можни 100 поени, со што се вбројува меѓу државите со високо ниво на подготвеност за спречување сајбер-закани и справување со сајбер-инциденти.
Глобалниот индекс за сајбер-безбедност го развива естонската „Академија за е-управување“, а проценката се врши преку 49 индикатори распоредени во 12 области. Се оценуваат стратешките, превентивните и оперативните капацитети на државите за справување со сајбер-закани.
Македонија има максимални оценки во повеќе значајни области, меѓу кои политиките за сајбер-безбедност, заштитата на критичната информациска инфраструктура, образованието и професионалниот развој, заштитата на личните податоци, одговорот на сајбер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека скокот од 29 позиции претставува меѓународна потврда за спроведените реформи.
„Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати. Во изминатиот период воспоставивме појасна институционална одговорност, современа законска рамка и посилни механизми за заштита на критичната инфраструктура и за одговор на сајбер-инциденти“, изјави Андоновски.
Од Министерството посочуваат дека напредокот е резултат на повеќе системски мерки, меѓу кои донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, усвојувањето на Стратегијата за сајбер-безбедност 2025–2028 и Акцискиот план за нејзино спроведување.
Во периодот што следува, најавено е продолжување на реформите, зајакнување на капацитетите за превенција и одговор на сајбер-закани, развој на стручниот кадар, подигнување на свеста кај граѓаните и компаниите и продлабочување на меѓународната соработка.
