Како изгледа нелегализиран објект во Кичево, надвор од сите стандарди

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Објектот во населбата Бала Маало во Кичево е изграден бесправно, на државно земјиште и на посебно место прогласено како културно наследство од Министерството за култура. Објектот е изграден пред неколку недели, но пред само неколку дена локалните мештани го кренаа гласот барајќи градбата да биде срушена и да се отвори пат, како што е планирано. Велат дека објектот, изграден без дозвола ја блокирал улицата во населбата и ја осквернавил автентичноста на чаршијата. Дека објектот е дивоградба и изграден на државно земјиште, констатираше и Инспекторатот во Кичево. Градоначалникот Фатмир Дехари уверува дека се преземаат конкретни мерки по ова прашање.

-Преземавме конкретни мерки преку општинскиот инспекторат и уште првиот ден инспекторатот излезе на терен и констатираше дека се гради бесправен објект, за жал на државно земјиште. Сепак, дозволете ми да разјаснам дека старата чаршија како целина, во 2013 година беше прогласена за посебна област на културно наследство од страна на Министерството за култура. Па така, во овој случај како прва категорија, целата област преминува под надлежност на Министерството за култура и другите државни органи-вели Дехари.

Адвокатот Аријан Имери, вели дека доколку истече рокот за добивање одговор во однос на барањата на жителите, ќе ги информираат сите државни органи, вклучувајќи ги и странските амбасади.

-Објектот се наоѓа на државен имот. Местото каде е изграден објектот е предвидено за пат и тротоар. Имотот каде што е изграден објектот со ниту еден закон не е дозволено да се приватизира, а уште помалку објектот да добие правен статус. Нашите барања со доволно докази се доставени до сите надлежни установи во о.Кичево, како и до Државен инспекторат за градежништво, барајќи да излезат на местото на настанот, да ја утврдат фактичката состојба и да преземат мерки согласно законот-вели Имери.

Но, Дехари вели дека општинскиот инспекторат нема ингеренции да интервенира, бидејќи местото е во државна сопственост. Сепак, како што додава, во координација со Инспекторатот за градежништво и надлежните институции ќе ги преземат потребните мерки што е можно поскоро.

-Спаѓа во прва категорија и надлежностите во конкретниот случај директно преминуваат кај државниот инспекторат. Се работи за тоа што општинскиот инспекторат нема надлежност да интервенира. Но, ние сме во координација во Министерството за транспорт, Министерството за култура, како и со државните инспектори за да го процесираме случајот-вели Дехари.

На местото каде е изграден објектот претходно имало барака која била срушена на 13 јуни, по што „никнала“ градбата, иако местото било предвидено за улицата „Охридска“ која, според планираното требало да води кон улицата „Маршал Тито“.