ЕСП ќе ги преземе сите мерки и дејствија согласно законите и деловникот, за блокирање на работата во Собрание. Генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими вели дека самото неучество на албанската опозиција во работата на Собранието, е црна дамка за демократијата во земјава.
„Ако оваа одлука воопшто не ја засега оваа земја, тогаш зборуваме за систем заснован на вредностите на монизмот, но не и на вредностите на плурализмот и демократијата. Доколку не реагираат и не го сменат ставот за кршење на изборниот законик, како коалициона партија – ЕСП, ќе разгледаме и други можности за блокирање на целосната работа на Собранието, согласно законските можности што ги дозволува деловникот и должноста на нашите пратеници во парламент“, вели Зеќирија Ибрахими.
Доколку на крајот на опозицијата не и се даде членот во ДИК, опозицијата предупредува и на блокирање на избирачките места.
„Ако оваа влада конечно реши да оди на избори со скратен состав на ДИК, тоа ќе не принуди да избереме такви методи со кои прво ќе се стремиме да го заштитиме гласот на нашиот електорат, со што не е исклучено блокирање на избирачките места. Ова ќе биде црна дамка за демократијата во Северна Македонија“, додава Зеќирија Ибрахими.
Европскиот сојуз за промени ја чека реализацијата на ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ, која најави дека и тие ќе ги повлечат своите членови од ДИК доколку празното место не и се даде на албанската опозиција. Но од ВМРО-ДПМНЕ не одговараат директно дали ќе си го одржат зборот.
Што се однесува до испразнетото место во ДИК, министерот за правда Кренар Лога неодамна предложи бројот на членови во ДИК да се зголеми на девет со цел и опозицијата и Алијанса да добијат по еден претставник.
