Над 2 илјади операции се откажани поради проблемите на Хируршките клиники, а состојбите со лошата миризба се уште трае. Вршителот на должност заменик министер за здравство Маја Манолева во Клик плус на ТВ21 рече дека се уште се работи на утврдување на проблемите. За решавање на проблемот издадена е наредба хируршките сали да почнат да работат со користење на надворешни компресори.
„Се договоривме хируршките клиники да започнат да работат со надворешни компресори како алтернатива и поддршка и садови со компримиран воздух. Во текот на викендот и првиве денови од неделата речиси ги докомплетиравме сите клиники со надворешни компресори, и овозможивме во клиниките да започне со работа на елективни пациенти, освен на итни“, порача Маја Манолева.
Манолева говореше и за потребата од нов Клинички центар. Таа воедно укажа и дека во земјава треба да постојат и регионални клинички центри со што пациентите од другите градови не би требале да доаѓаат во Скопје за прегледи.
„Секако дека е потребен нов Клинички центар на оваа земја затоа што тоа се институции од терциерно ниво на здравствена заштита која што треба да функционираат согласно највисоките стандарди во здравството и лично мислам дека на земјава и е потребен еден клинички центар кој што би бил направен и истовремено сметам дека треба да се даде поддршка и да се направи регионализација на здравствениот систем во нашата земја односно да се направат неколку, еве четири би кажала регионални центри“, вели Маја Манолева.
Во однос на случувањата во Токсикологија Манолева рече дека треба да има медицински директор, а за разрешувањето на директорот на Кардиологија Марјан Шокаровски не сакаше да оценува дали тоа беше основано од страна на тогашниот министер Илир Демири.
