Владата е при крај во постигнување договорот со Србија за размена на енергенси. Доколку се финализира овој договор Србија треба да ни испорачува гас со кој ТЕТО ќе произведува електрична енергија.
Половината од струјата ќе биде испорачана на северниот сосед, а другата половина ќе остане да се продава на домашниот пазар. Ова го појасни министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното интервју на 360 степени кој истакна и дека на тој начин ќе се обезбеди поевтина струја. Сепак веројатно нема да се остане и само на ова, туку како што рече Бектеши преговори се водат и со Турција и со Бугарија. Но како во претстојниот кризен период ќе се снабдуваат училиштата, но и здравствените установи со електрична енергија.
„Основните и средните училишта ќе се постават на регулираниот пазар, но клиниките, болниците воопшто ќе се снабдуваат од ЕСМ, односно кое се занимава и со трговија на електрична енергија со цени кои се прилагодливи за нормално функционирање на клиниките и болниците во нашата држава и нема да влијае затоа што производната цена воопшто на ЕСМ моментално е некаде 70 евра за мегават час и сигурно дека основните и средните училишта ќе се субвенционираат со истата цена од страна на Владата, тоа важи и за клиниките и болниците“, вели Крешник Бектеши.
Енергетската криза беше и една од темите на денешната средба на шефот на државата Стево Пендаровски со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Софија. Пендаровски рече дека очекува помош од Европската унија.
„Со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во Софија разговаравме за текот на скрининг процесот и енергетската криза. Се надеваме на поддршка на Европската комисија во справувањето со енергетската криза во духот на европската солидарност“, посочи Стево Пендаровски.
Во насока на ублажување на енергетската криза деновиве и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски излезе со свој предлог со кој како што рече цената на електричната енергија за стопанството би била двојно пониска. Тој за ова побара средба со премиерот Ковачевски, кој ја одби, по што покана му упати на вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи.
„Го поканувам заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на состанок во недела 2 октомври во 12 часот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде детално ќе го објаснам планот и концептот кои ќе значат закрепнување на економијата и помош на бизнисот“, вели Христијан Мицкоски.
Инаку вчера на седница на Собранието беше едногласно усвоено продолжување на кризната состојба во енергетиката на територија на цела држава и за парно греење на ниво на град Скопје која ќе трае до 30 април идната година.
