Ниту едно друго дете на Али Хамнеи не се појавило во јавноста по нападот, ниту упатило честитки или ветувања за лојалност откако Моџтаба Хамнеи бил избран за врховен лидер.
Новиот ирански врховен лидер Моџтаба Хамнеи го преживеал американско-израелскиот напад бидејќи само неколку минути пред проектилите да ја погодат неговата куќа излегол во дворот, пишува The Telegraph.
Во истиот напад, кој се случил на 28 февруари, биле убиени неговиот татко Али Хамнеи и други раководители на Исламската Република, а снимка која протекла во јавноста покажува дека новиот лидер за влакно ја избегнал смртта. На снимката се прикажува говор на Мазахер Хосеини, шеф на протоколот во кабинетот на Али Хамнеи. Таа дава прв подетален увид во случувањата во комплексот на врховниот лидер за време на нападот.
Хосеини на 12 март им се обратил на високи свештени лица и команданти на Корпус на чувари на Исламската револуција во тегеранската населба Колхак, а „Телеграф“ ја добил снимката од неговиот говор и ја потврдил нејзината автентичност.
Според снимката, цел на нападот бил Моџтаба Хамнеи, но тој излегол „нешто да заврши“ во дворот само неколку моменти пред израелските балистички проектили „Блу Спероу“ да ја погодат неговата резиденција во 9:32 часот по локално време. Во нападот се здобил со повреда на ногата, додека неговата сопруга и син веднаш загинале, а неговиот шура бил обезглавен.
Телото на шефот на воената канцеларија на Хамнеи, Мохамад Ширази, исто така било „разнесено на парчиња“ и било идентификувано врз основа на „само неколку килограми месо“.
„Божја волја беше Моџтаба да излезе во дворот нешто да заврши, па потоа да се врати. Беше надвор и се качуваше на катот кога проектилот ја погоди зградата. Неговата сопруга, госпоѓата Хадад, веднаш загина како маченик“, изјавил Хосеини.
Тој додал дека Моџтаба се здобил со полесна повреда на ногата.
Моџтаба Хамнеи живеел во истиот комплекс во Техеран како и неговиот татко, каде што се наоѓала и сала за верски обреди, како и домовите на останатите деца на Хамнеи.
Хосеини тврди дека нападите истовремено биле насочени кон повеќе локации со цел да се уништи целото семејство Хамнеи.
„Тие ѓаволи разгледувале неколку локации за напад во рамките на комплексот – една од нив била резиденцијата на врховниот лидер. Таа локација ја погодија со три проектили“, изјавил тој.
Погодени биле и домот на Моџтаба на горниот кат, резиденцијата под него во која живеел неговиот шура Мисбах ал‑Худа Багери Кани, како и домот на неговиот брат Мостафа Хамнеи и неговата сопруга.
„Проектилот беше толку силен што проби до господинот Мисбах и влезе во неговата соба. Ударот беше таков што му ја преполови главата“, изјавил Хосеини.
