По емисијата на ТВ21 „Бизнис21“, АД МЕПСО одучи да го раскине договорот со изведувачот на проектот за 400 kV интерконекција помеѓу Македонија и Албанија.
Во првата емисија на Бизнис 21 – Истражувањето каде завршија 50 милиони евра за нашето енергетско поврзување со Албанија, стана тема на седница во Собранието на која се поствуваа пратенички прашања.
Истражувањето на Бизнис 21 од терен откри дека заглавен е едниот дел од проектот – далекуводот Битола 2 –Елбасан. Наместо веќе изграден далекувод, на терен најдовме само пуста ливада. Опремата пак која била донесена со години стои во депо на земја. Компанијата Енергоинвест од Сараево, и покрај пробиените рокови, бараше дополнителни 7 до 8 милиони евра Анекс на договорот. Откривме и дека подизведувач на Енергоинвест во 2021 година е компанија на бизнисменот Нефи Усеини, познат за јавноста како тогашен советник во Општина Охрид кој заработи обвиненија за насилство и бесправно градење.
Инаку ТВ21 пред неколку дена објави дека ќе се раскине договорот со „Енергоинвест“ од Сараево за изградба на далекуводот со Албанија и дека МЕПСО веќе се во консултации со Владата и се чека конечната одлука која најверојатно ќе биде раскинување на договорот со босанската фирма вреден 17 милиони евра.
Од АД МЕПСО утрово и официјално соопштија дека е раскинат договорот со „Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница. До неодложно раскинување на договорот доведе неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања поради значителното зголемување на трошоците за материјали и услуги. Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни.
„Договорот со „Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.05.2023 година.
Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, клуч на рака. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот.
Од започнување на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9%), а доставени се 51,2% од опремата. Имајќи ја во предвид настаната ситуација, слабата динамика, напуштањето на работата, цениме дека раскинот на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект кој претставува врвен приоротет за АД МЕПСО и Владата на РСМ.
АД МЕПСО останува посветен на завршувањето на 400 kV интерконекцијата со Албанија и веќе започна подготовки за рестартирање на проектот. Друштвото ќе иницира нова тендерска постапка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со изградбата. Успешната реализација на оваа интерконекција останува приоритет за АД МЕПСО, бидејќи ќе ја зајакне регионалната енергетска стабилност и интеграција, со значителни придобивки за Северна Македонија, Албанија и регионот во целина“, велат од АД Мепсо во соопштение.