Мицкоски обвини за криминал од епски размери – истражувањето на Бизнис21 за далеководот со Албанија тема во Собрание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првата емисија на Бизнис 21- Истражувањето каде завршија 50 милиони евра за нашето енергетско поврзување со Албанија, стана тема на денешната седница во Собранието на која се поствуваа пратенички прашања. Во одговор на прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ , Бојан Стојановски, премиерот Христијан Мицкоски, од говорницата обвини за криминал од епски размери.

„Далновод, кој што требало да ја поврзе Македонија со Албанија. Далновод, нели Албанците, ние. 50 проценти донесена опремата, две дупки, две стопи ископани за далноводи и 6 милиона во џеб. И сега треба ние да го поништуваме тоа и ние да го плаќаме“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, во првата емисија на „Бизнис 21“ истражувавме каде заглави енергетското поврзување на Македонија со Албанија. Како после10 години ветувања, и 50 милиони евра обезбедени уште во 2015 година, добивме  финансиска дупка и стратешки проект во целосен застој.

На крај на  2024 година, од двата дела на проектот, од терен констатиравме дека ништо не е поместено. Трафостаницата Охрид, каде изведувач е компанијата Кончар од Загреб кој го доби тендерот од 17 милиони евра, откривме дека пролетва доби и Анекс со дополнителни 3 милиони евра. Таму работата се поместува од мртва точка.

Но, целосно заглавен е вториот дел од проектот – далекуводот Битола 2 –Елбасан. Таму наидовме на пуста ливада. Компанијата Енергоинвест од Сараево, која исто го доби тендерот од 17 милиони евра, и покрај пробиените рокови, бара дополнителни 7 до 8 милиони евра. Подизведувач на Енергоинвест во 2021 година станува и компанијата на бизнисменот Нефи Усеини, познат за јавноста како тогашен советник во Општина Охрид кој заработи обвиненија за  насилство и бесправно градење.

Истражувањето покажа дека неколку премиери и министри се фатиле за „лопатата“. Проектот поминал низ рацете на дури осум директори на државната МЕПСО. Сите ги прашавме – што и кој го кочеше овој проект цела деценија– неефикасноста на институциите – или пак матни зделки?!  Прашавме и дали ќе има одговорност?!