Министерството за култура смета дека некои институции, како Музичкиот ансамбл во Тетово, се вишок и треба да се преиспитаат или спојат, изјави во емисијата „Пастел“ на ТВ21 директорот на ансамблот, Блерим Ќамили. Поради тоа, според него, иако побарале вработувања, тие не биле одобрени.
„Побаравме вработувања, побаравме 20 уметници, од тие 24 вработувања, 20 се уметници, хор и останатите се… 1 администратор, значи побаравме само 1 администратор затоа што ја гледаме волјата на нашите колеги и сметаме дека со 1 администратор, 1 економист и 1 правник, со добра соработка со колегите во иднина нема потреба да го оптоваруваме буџетот со администрација“, вели Блерим Ќамили.
За ова прашање реагираше владејачката коалиција ВЛЕН. Велат дека додека другите шират паника и дезинформации, ВЛЕН работи со факти и конкретни чекори за албанската култура. Уверуваат дека Музичкиот ансамбл во Тетово нема да се затвори, туку напротив – ќе се зајакне со вработување на 20 уметници.
„Музичкиот ансамбл во Тетово не само што не е загрозен, туку напротив, се зајакнува. Во моментов интензивно се работи на комплетирање на документацијата за целосно функционализирање на оваа институција, вклучувајќи и вработување на околу 20 уметници во првата фаза“, велат од ВЛЕН.
Министерството за култура за 11 мај најави одржување на јавна дебата за Нацрт-стратегијата за развој на културата 2026–2030. Раководството на Музичкиот ансамбл се надева дека ќе бидат земени предвид забелешките што ги испратиле.
Инаку, во Музичкиот ансамбл во Тетово моментално има само двајца вработени и директорот. Оваа институција е основана со владина одлука во март 2018 година, додека првите вработувања се реализирани во 2019 година.
